Дабевска: Сакам адреналин, возење автомобил во вечерните часови…

Пивотот Сања Дабевска која од Јонијас од првенството на Грција се пресели во унгарскиот Дунајварош, го имаше првото интервју во ноивот клуб за официјалниот сајт.

Дабевска после само една сезона го напушти тимот од Грција во кој пристигна од Куманово. Таа зборуваше за своите почетоци и досегашни успеси во кариерата.

„Започнав да играм ракомет на 11 години во мојот роден град Гостивар. После три години се преселив во Скопје, во Металург каде и што го продолжив моето образование. За сениорската репрезентација на Македонија до сега имам постигнато 60 голови. Кога играв за Куманово одигравме пријателски натпревар со Јонијас после кој добив добра понуда која ја прифатив бидејќи сакам предизвици. Сакам да се развивам и понатаму и бев пресреќна кога Дунајварош ме контактираше затоа што првенството на Унгарија е едно од најдобрите. Верувам дека овој трансфер ќе ми донесе напредок во кариерата и доближување до исполнување на мојата цел да играм во Лигата на шампионите“, рече Дабевска.

Повремената репрезентативка на Македонија зборуваше и за своите силни страни во играта, но исто така и за тоа што сака да прави и што ја исполнува надвор од теренот.

„Јас сум снажен играч, тоа и го бара мојата позиција. Седмерците се моите специјалитети, среќна сум што ја преземам одговорноста да шутирам. Што се однесува до менталните квалитети, можам да останам фокусирана и во најтешките ситуации. Можеби ќе звучи чудно, но моето хоби е возењето автомобил особено во вечерните часови. Всушност ми се допаѓа тоа што ме исполнува со адреналин, исто така сакам да се шминкам и го сакам лизгањето. Мојата порака до навивачите на Дунајварош е дека на секој натпревар ќе го давам мојот максимум како и секогаш досега и со нетрпение очекувам да започне сезоната“, заврши Дабевска.

Дабевска е освојувач на Купот на Македонија во 2019 година со тогашниот нејзин тим Куманово кој за прв пат стигна до трофејот, а во кариерата била и петкратен шампион на Македонија со Металург. Минатата сезона со Јонијас играше во Челенџ купот, но испадна во 3 коло од Мадеира од Португалија.