Грчевски не мрда од Бутел – останува тренер и следната сезона

Екипата на Бутел, која во оваа сезона го оствари најдобриот пласман освојувајќи го третото место на табелата во Супер лигата и повторно избори учество на европска сцена, реши да ја продолжи соработката со актуелниот тренер, Кристијан Грчевски.

Иако, Грчевски имаше опција да се пресели во Охрид, сепак, и во следната сезона ќе го предводи Бутел откако преговорите со актуелниот клуб вродија со плод.

Грчевски со Бутел постигна одлични резултати и двапати со клубот играше на Ф4 турнирот од Купот на Македонија, но исто така, и на двапати беа учесници во европските купови. Во 2019 беа елиминирани од украинско Запорожје, а следната 2020 од унгарски Ѓинѓуш. Ракометарите на Бутел сезоната во домашниот шампионат ја завршија зад првопласираниот Вардар и второпласираниот Еуорфарм Пелистер.

Бутел за следната сезона ги ангажираше Филип Николов од Охрид и Стефан Крстевски од Вардар, а договорите со клубот ги продолжија Стефан Стојчевиќ и Владимир Јевтиќ. Во наредниот период се очекуваат да пристигнат уште неколку засилувања.