Гроздановска ги полни мрежите во Швајцарија, не размислува за враќање дома

Интернационалката од Македонија, Симона Гроздановска веќе три сезони настапува во швајцарскиот шампионат и прикажува задоволителни игри. Во Швајцарија беше дел од екипата на Амичитија Цирих, а оваа сезона игра во Винтертур, екипа која има солидни резултати поради добрите партии на Македонката.

Гроздановска во Македонија настапуваше за Кометал Ѓорче Петров, Кале Кичево, Карбан Амбалажа и Металург. Освен со поранешниот европски шампион од Македонија, свои блескави моменти имаше и со Металург. Во 2013 година, Металург успеа да го освои Купот на Македонија после неизвесното финале против Вардар. Тогаш составот на Индира Кастратовиќ беше предводен од Суслина, Саидова, Виноградова, Фернандез, Дмитровиќ…

После една сезона, Металург повторно имаше одлична партија против Вардар во домашниот шампионат и успеа да одигра нерешено, а искусните противнички ракометарки, Лекиќ, Радичевиќ, Пино беа во неверување. Гроздановска причината за добрите партии против тогашниот силен Вардар ја гледа во тимската игра, сплотеноста на теренот и напорните тренинзи во текот на сезоната. За ситуацијата со денешниот женски клупски ракомет во Македонија изјавува дека потребно е повеќе посветеност од страна на самите играчи.

„Причина за големиот успех против Вардар беше борбениот дух – никогаш не се откажувај. Дисциплинираната игра од страна на сите ракометарки, мотивираноста од сите раководни лица па се до нас, меѓусебната доверба и почит. Секако, голема улога играа напорните тренинзи за создавање на тимска и модерна игра на ракомет. Во моментов, и во швајцарското првенство и во македонското првенство се игра модерен ракомет, но постои разлика бидејќи во Швајцарија во голем број на клубови играат интернационалки и млади ракометарки, а во нашата земја повеќе клубови се составени од млади играчи кои сакаат да бидат посилни на теренот, но за тоа треба време, многу работа и посветен труд”, вели Гроздановска.

Паралелно, со настапите за Металург, Гроздановска настапуваше и за репрезентацијата на Македонија, добро ги познава работите кои треба да се направат во еден бараж дуел со големи противници. Македонија за противник во бараж дуелот за обезбедување пласман за Светското првенство во Шпанија ја доби репрезентацијата на Романија. Поранешната репрезентативка се најде и на поширокиот список на селекторот, Симе Симовски, но поради својата здравствена состојба ќе го прескокне овој квалификациски циклус. Гроздановска очекува нејзините колешки да го дадат својот максимум.

„Во моментов репрезентацијата на Романија е подобра на ранг листа од нашата селекција. Но, ние можеме да наметнеме една добра игра која може да ни донесе победа. Македонската репрезентација во моментов е составена од млади и искусни ракометарки. Кога се игра тимска игра се носи и победата. Мојата сегашна анализа на нашата репрезентација оди по нагорна линија и успех. Секако, потребно е повеќе работа и посветеност, повеќе поддршка и за клубовите во домашниот шампионат кои имаат некакви амбиции. Тука треба да биде присутен духот на борбеноста за својата земја”.

Исусната ракометарка во својата интернационална кариера настапуваше за екипите од грчкиот шампионат, ПАОК и Филота. Беше дел и од турските клубови, Полатли, Кастамону и Муратпаша. Во моментов ја предводи листата на стрелци во швајцарскиот шампионат со 167 голови. Амбициите на нејзината екипа, Винтертур се чекор погоре на табелата и прикажување солидни настапи и во следната сезона. На нејзината адреса има понуди и од други клубови од Швајцарија, но дали ќе остане во Винтертур или ќе замине во друг клуб ќе одлучи пред почетокот на новата сезона.

„Амбицијата и желбата се секогаш повисок пласман на табелата. Во моментов не размислувам за враќање во Македонија. Плановите ми се да останам во Швајцарија и да играм во швајцарскиот шампионат. Секако, имам понуди и од други клубови од Швајцарија. Моментално постигнатите 167 голови, се само потврда за напорната работа. Но, во овој период не размислувам за напуштање на клубот”, заврши Гроздановска.

Првиот натпревар сениорките ќе го одиграат во Букурешт, Романија на 17 април во 17:00 часот, а реванш натпреварот за пласман на СП е закажан на 21 април во 17:00 часот во СЦ Јане Сандански. Гроздановска ќе беше од голема помош на овие натпревари, но се очекува со своето искуство да биде од помош на некој од следните предизвици за сениорската селекција.