Градинарство и ракомет во комбинација – Крстевски и Тренчевски отворија бизнис во Финска

Македонските интернационалци Илија Крстевски и Александар Тренчевски заминаа во Финска да играат ракомет, но покрај спортот, сега се активни и на друго поле – имаат сопствена компанија за градинарство.

Крстевски и Тренчевски започнаа бизнис за одржување на дворови во финскиот град Паргас, каде што играа до минатата сезона. Компанијата се вика Тренил и нуди различни услуги како што се сечење трева и мелење трупци.

Десното крило Крстевски веќе е оженет со државјанка на Финска и во оваа скандинавска земја формира семејство, додека Тренчевски исто така е таму со семејството.

Крстевски ја заврши кариерата оваа сезона во дресот на АИФК од Хелсинки, додека Тренчевски, кој оваа сезона го носеше дресот на истиот клуб, се уште планира да биде активен на ракометните терени.

Двајцата своевремено заедна играа во младинската репрезентација на Македонија.