Големата надеж на Барселона заминува во Бундес лигата

Според шпанскиот „Мундо Депортиво“ екипите на Барселона и Рајн Некар постигнале договор за еден од најталентираните ракометари на позицијата десно крило, Мамаду Диоку да се пресели во Германија.

Сепак, младиот ракометар има активен договор со Барселона и во екипата на Рајн Некар ќе оди само на позајмица за новата сезона.

Ракометарот од Сенегал со шпански пасош остави одличен впечаток на раководството на екипата од Манхајм и во претходниот период активни биле разговорите за негово ангажирање во Бундес лигата.

21-годишниот ракометар се очекува во Рајн Некар да пристигне пред подготовките за новата сезона. Диоку освен за првиот тим на Барселона настапуваше и за нејзината втора екипа во Асобал лигата. Имаше репрезентативни настапи за кадетската и младинска репрезентација на Шпанија.

Рајн Некар во Бундес лигата заврши на 5. позиција на табелата и избори учество во Лига на Европа за новата сезона.