Голден Арт КЛ7 имаше предност, но загуби минимално во финишот против Дубочица

Екипите на Голден Арт КЛ7 и Дубочица го одиграа вториот натпревар на 6. Меморијален турнир „Миле Нешкоски“, а после неизвесни 60 минути победата им припадна на ракометарите од тимот од Србија со минимални 29:28.

Во почетните минути ГА КЛ7 го диктираше темпото и постојано имаше предност од еден гол. После 15 минути игра Дубочица го презема водството и поведе со 8:7. До крајот на полувремето екипата од Србија го задржа водството и замина на одмор со два позитива, 14:12.

На стартот на второто полувреме Дубочица имаше и највисоки три позитива. Сепак, Голден Арт успеа да се врати и да израмни. Следуваше период од десетина минути на израмнета игра гол за гол. Во 22. минута ГА КЛ7 поведе со 26:24 и имаше добра позиција пред завршницата.

На пет минути до крај Голден Арт сè уште ја чуваше позитивата од два гола, но од тој момент до крај не успеаја да постигнат гол, а тоа го искористи тимот на Дубочица за целосен пресврт. Со три последователни гола тимот од Србија триумфираше на натпреварот со 29:28.

Двете екипи утре ќе играат против составот на Еурофарм Пелистер 2.