Ги надмина повредите и мононуклеозата и стигна до сребрен медал на ЕП

Најголемиот дел од ракометарите ширум Европа пандемијата ја поминаа во градовите во кои беа затекнати без да имаат можност да се вратат во своите домови. Еден од оние кои беа толку блиску до дома, но не можеа да бидат во својот дом е Хрватот, Јосип Шарац.

Тој во јануари на 22 години дебитираше на Европските првенства со репрезентацијата на Хрватска, а карантинот го помина во Целје каде што беше во моментот на донесување на забраните. Сигурно голем успех во кариерата на младиот лев бек е освојувањето на медал на првиот настап на едно големо натпреварување.

„Почетокот на годината беше период кој засекогаш ќе ми остане во сеќавање. Европското првенство со репрезентацијата на Хрватска беше едно прекрасно искуство за мене. Тоа беше мое прво големо натпреварување со А селекцијата и веднаш освоив сребрен медал со златен сјај. Навистина беше како на сон, од играта до атмосферата во репрезентацијата и на трибините и дочекот во Загреб и Мостар“, коментираше Шарац за Спортске новости.

Во кариерата на Јосип Шарац не му одеше се како подмачкано. Беше приморан сезоната 2017/18 да ја пропушти цела. Штотуку ракометниот свет започна да се запознава со новиот талент од Љубушки тој се повреди, а потоа имаше и проблеми со мононуклеоза. Кога се чинеше дека тоа е крај на неговата кариера победија неговата верба, упорност и работа и Шарац повторно се врати на патеките трасирани од неговите постари колеги од Љубушки, Алиловиќ, Бунтиќ, Хрстиќ, Мандиќ и Муса.