Гичевска сo супер трансфер – потпиша за амбициозната Дунареа Браила!

Македонската репрезентативка Леонида Гичевска, од лето се сели во романскиот шампионат и ќе ги брани боите на амбициозниот тим Дунареа Браила.

Гичевска ја игра втората сезона во францускиот Самбре Авенуа, но сега оди едно ниво погоре и ќе има шанса да игра во силното романско првенство.

Ракометарката што може да ги покрие сите бековски позиции во Браила ќе игра со уште две македонски репрезентативки – Марија Штериова и Јована Саздовска.

„Среќна сум и возбудена што ќе играм за еден од најдобрите тимови во Романија и Европа. Раководството и претседателот прават одлична работа и градат силен тим за следната сезона. Се надевам дека заедно ќе освоиме многу трофеи во Романија и Европа. Едвај чекам да заиграм за Дунареа“, вели Гичевска.

Гичевска во Македонија играше за Вардар Јуниор, Вардар, Металург и Куманово, а ова ќе биде втор интернационален предизвик.