Германски Хамбург го сака Серафимов!

Десниот бек на Металург и сениорски репрезентативец на Македонија, Мартин Серафимов можно е да го напушти тимот од Автокоманда и во текот на ова лето да се пресели во Бундес лигата.

Според информациите до кои доаѓа редакцијата на 24 Ракомет, неговиот нов клуб најверојатно ќе биде Хамбург, тим кој сезонава игра одлично во 2. Бундес лига и е на пат кон враќање во најсилната лига на Германија. Во моментов Хамбург е лидер во Бундес лига 2, а на десет кола до крајот има сигурен ритам за освојување на првото место така што сите очекувања е да се врати во најсилната Бундес лига и да се обиде да се врати во најдобро светло.

Со враќањето во најсилното друштво во Германија секако ќе треба и да се засили тимот, па Мартин Серафимов би бил добра варијанта за позицијата десен бек со оглед на тоа што игра во двата правци. Германците сакаат да се засилат, и какви ракометари ќе пристигнат ќе зависи од буџетот што ќе го има клубот.

Серафимов е еден од најталентираните ракометари кои ги има Македонија. Веќе има 21 година и е играч кој неколку години е дел од сите национални селекции така што со ова би добил уште поголем напредок во кариерата и ќе може да стекне дополнително меѓународно искуство.

Хамбург е тим кој е формиран во 1999 година, а има доста добри бројки во минатите две децении. Во 2011 година беше шампион на Германија, во 2006 и 2010 година освојувач на Купот на Германија, додека во 2013 година ја освои лигата на шампионите откако трипати не успеваше да го мине полуфиналето.