Георгиевски: Можеше и подобро, ама можеше и полошо

Македонија ги доби противниците на Европското првенство кое ќе се игра во Словачка и Унгарија. Нашата селекција ќе игра во Дебрецин во групата А каде што противници ќе ни бидат Данска, Словенија и Црна Гора.

Еден од најискусните репрезентативци на Македонија, десното крило Гоце Георгиевски имаше свое видување и прв коментар после добивањето на противниците.

„Добивме тешка група, можевме да добиеме и полесна и потешка група, но тоа е тоа. Добивме релативно познати противници, со Данска игравме во квалификациите, со Словенија на претходното првенство. Имаме шанси, Словенците ги победивме во Хрватска ќе се обидеме повторно да ги изненадиме. И Црна Гора има квалитетни играчи и не можам да кажам дека се аутсајдери. На ова првенство сите се квалитетни противници и ние мораме да бидеме на едно високо ниво за да се надеваме на пласман во вториот круг“, изјави Георгиевски за 24Ракомет.

Македонија првиот натпревар ќе го игра на 13 јанаури кога за противник ќе ја има Словенија, после два дена игра со Црна Гора и на 17 јануари во последниот меч од групата ќе се сретне со Данска.