Гакидова: Поради корона ситуацијата и амбициите на клубот се одлучив за Наиса

Репрезентативката на Македонија, Ивана Гакидова во новата сезона ќе настапува во првенството на Србија, а нејзин нов клуб е Наиса.

Овој состав е ривал на Чаир во Европскиот куп, па оттаму овој трансфер станува поинтересен бидејќи ќе има можност да игра во Македонија против дел од своите колешки од репрезентацијата.

Гакидова ќе биде добро засилување за тимот од Ниш со оглед на тоа што веќе има искуство зад себе и со настапи на меѓународна сцена и во неколку различни првенства. Покрај тоа нема да има проблеми за адаптација бидејќи во тимот на Наиса има уште една Македонка. Таму игра и Симона Стојановска.

„Од Наиса добив одлични услови. Не размислував многу. Поради ситуацијата со коронавирусот сметав дека е најдобра опција да бидам поблизу до дома и да бидам во клуб кој има големи амбиции. Имав понуди и од Романија, но на крајот одлуката падна за Ниш и тимот на Наиса“, вели Гакидова за 24 Ракомет.

Инаку, натпреварите меѓу Чаир и Наиса треба да се одиграт на 10 и 17 октомври и се во рамки на 2. коло од Европскиот куп.