ГАЗЕЊЕ: Веспрем го победи ПИК Сегед со 13 гола разлика!

Ракометарите на Веспрем веќе можат да се подготвуваат за четвртфиналето во Лигата на шампионите, откако во првата осминафинална пресметка го совладаа големиот ривал ПИК Сегед со 36-23.

Победникот на овој меч беше решен уште по првиот дел, кога момците на Момир Илиќ водеа со 20-7. Тие имаа побрзи напади, повеќе разновидни решенија, и подобри изведувачи на пенали.

За разлика од нив, домашните играа бездушно, безидејно, а Хуан Карлос Пастор ги промени сите ракометари, но немаше корист од тоа. Згора на се, Фримел и Радивојевиќ промашија три пенали.

Во финишот на полувремето, Веспрем остана без Кентан Мае, кој доби директен црвен картон. Французинот подметна нога при скокот на Марио Шоштариќ од десната крилна позиција, а исландските судии немаа дилеми дека треба да го исклучат.

На стартот на вториот дел ПИК Сегед заигра подобро во одбрана, намали на десет гола разлика, но потоа повторно се појавија проблемите во нападот и Веспрем во еден момент имаше и плус 15, 30-15, па до крајот гостите играа рутински.

Маргуч даде 11 гола за Веспрем, додека по четири пати стрелаа Лауге, Лигетвари и Ремили. Голманите Коралес и Цупара собраа девет одбрани, а на спротивната страна Миклер и Алиловиќ имаа само пет. Кај стрелците се истакнаа Мартинс и Радивојевиќ со по пет гола. Реваншот во Веспрем следната недела ќе биде само формалност.