Вујовиќ: Ракометот ќе се препороди – ќе исчезнат ултрабогатите клубови, ќе има многу со исти амбиции!

Некогашниот тренер на Вардар и селектор на Македонија, Веселин Вујовиќ, додека трае борбата со коронавирусот времето го минува во Шабац со семејството. По дуелот со Татран од СЕХА лигата тој дојде во Србија на мини одмор, но мораше да остане на подолг период.

Како и во Македонија, слично и во Србија има полициски час од 17 од 05 наутро, а за викендите тој почнува од 13 часот. Вујовиќ во интервју за хрватските медиуми вели не му се допаѓаат сите мерки, но дека мора да придружува кон нив.

Очекува дека и покрај финансиските последици кои ќе ги почувствува цело општество, не само спортот, ракометот како една посебна единка ќе добие многу од целиов хаос со коронавирусот. Тој очекува во ракометот да се изедначат силите.

„Согласен сум да бидат намалени платите, но не по секоја цена и секому. Гледате какви суми се вртат во некои спортови. На пример, не може Меси и Циндриќ да се казнуваат на ист начин. Не е исто да скрати некој кој заработува милиони и некој со поскромни примања. Не може да скратиме подеднакво јас и некое младо момче на почеток од кариерата во Загреб. Немам никакви информации од мојот клуб, но мислам дека ситуацијата е стабилна. Ова што се случуваше во фудбалот во последните неколку години не е нормално. Да за некој платите 100, 200 или 300 милиони евра, па кој сака нека е тој, мене тоа ми е еднакво на болест. Кога читам за тие дрски и безобразни трансфери многу пати помислувам дека таму се перат сериозни пари. Едноставно, не ми е нормално некој просечен фудбалер, со само една добра сезона да се обезбеди себе и своите потомци, додека од друга страна многу врвни, класа спортисти во „малите“ спортови мораат крваво да работат цела кариера за да имаат пристоен живот. Затоа навистина не ми е гајле што ќе се случи со фудбалот. Во ракометот, пак, мислам дека би можела да се случи прекрасна работа. Ќе дојде до изедначување на пазарот, ќе исчезнат ултрабогатите клубови и доминацијата на парите, ќе престане да постои монопол на неколку клубови, а ракометот ќе може да се врати на своите почетоци. По хаосов најмногу можат да профитираат стабилните, средни клубови како Загреб. Зошто Циндриќ и Карачиќ би оделе надвор, кога за истиот износ би можеле да се вратат дома? Да, ракометот од ова можемногу да профитира и ако биде така, на сцена ќе бидат повеќе клубови со исти амбиции, а тоа би било прекрасно“, вели Вујовиќ.

Со тимот на Загреб до крајот на оваа сезона ако биде довршена, го очекува борба за титула во СЕХА лига, како и во хрватскиот шампионат.