Вук Лазовиќ: Ни на крај памет не ни е да се опуштаме против Македонија

Репрезентацијата на Црна Гора е еден од противниците на Македонија на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Еден од главните ракометари во репрезентацијата на Црна Гора, Вук Лазовиќ, кој смета дека сите репрезентации имаат своја шанса во групата А.

„Се работи за стари ривали и добро познати противници. Групата е доста интересна и мислам дека сите можат рамноправно да играат едни против други, ќе биде навистина интересно”, вели Лазовиќ за 24 Ракомет.

Вук Лазовиќ добро го познава македонскиот ракомет бидејќи една сезона настапуваше во дресот на Вардар. Истакнува дека против репрезентацијата на Македонија нема да има никакво опуштање.

„Секој што го следи ракометот и репрезентацијата на Македонија знае дека главните момци во националниот тим кој направи најголеми успеси сè уште се тука. Нема опуштање против Македонците ниту размислување дека со нив може лесно да се игра бидејќи имаат подмладен состав”.

Поранешниот ракометар на Вардар смета дека против Данците ќе биде тешко да се дојде до некакво изненадување, додека за натпреварот против Словенија се надева на добра одбрана и освојување на бодовите.

„Репрезентацијата на Данска ги покажа своите слабости на квалификациските натпревари, но сите знаеме дека тие се фаворити за освојување на Европското првенство, против нив ќе биде многу тешко да се дојде до бодови. Словенија форсира поинаков стил на игра од Македонија и Црна Гора, играат брз ракомет, но доколку ги спуштиме на мал број на голови, имаме шанса да дојдеме до бодови. Искрено, се надевам дека публиката ќе се врати во спортските сали и дека секоја група, посебно нашата, ќе има што да покаже на ракометните љубители, и на крајот нека победи подобриот”, заврши Лазовиќ за 24 Ракомет.

Црна Гора својот прв натпревар на Европското првенство ќе го има против репрезентацијата на Данска, на 13 јануари. Против Македонија, Црногорците ќе играат на 15 јануари, додека последниот натпревар од групната фаза во рамките на А групата е резервиран за 17 јануари каде ги очекува дуелот со Словенија.