Во четврток се враќаат од СП, а веќе в сабота ќе играат за Вардар!

Ракометарите на Вардар во Скопје ги одбработуваат подготовките за пролетниот дел од сезоната, а викендов ќе гостуваат во Прешов, Словачка каде ќе го играат првиот меч од новата сезона во СЕХА лигата.

На подготовките во Скопје недостасуваат само репрезентативците кои настапуваат на СП во Полска и Шведска – Манасков, Томовски, Талески, Георгиевски. Тие ќе пристигнат во четврток, а потоа заедно со екипата патуваат за Прешов.

Со тимот тренираат и Михаил Аларов кој дојде од Пролет, и Бразилецот Леонардo Дутра. Томислав Јагуриновски поради скинато мускулно влатко предвреме се врати од СП, и беше на поштеда, но и тоj ќе патува за Словачка.

„Ги одработуваме подготовките во Скопје и со ракометарите кои максимално посветено ги извршуваат задачите. Поради настинки некои отсуствуваа од некои тренинзи, но најважно е што како се наближува почетокот на првенството формата се подобрува. Ме радува што и новите играчи веќе влегуваат во системот на Вардар, но секако ќе им треба време. Со Дутра, Аларов и Јагуриновски ќе имаме и можност за поголема ротација во играта. Ги очекуваме и нашите репрезентативци од СП со кои Вардар пролетва ќе биде повторно силен. Не очекуваат повеќе натпревари, а веднаш по гостувањето во Словачка се враќаме дома и следната среда ќе бидеме домаќини на Партизан повторно во СЕХА лигата. Очекувам и публиката да биде со нас, бидејќи во следните месеци доаѓаат силни, интересни и важни натпревари“, вели Владо Недановски, тренерот на Вардар.

Натпреварот меѓу Татран Прешов и Вардар се игра в сабота во Прешов од 16:00 часот.