Во Русија ќе се игра ракомет пред полни трибини

Екипата на Вајперс Кристијансанд од Норвешка ќе игра два пати во Русија против Ростов Дон во рамките од четвртфиналните битки од Лигата на шампионите.

Норвешката екипа веќе неколку месеци натпреварите од Лигата на шампионите ги игра на гостински терен поради рестрикциите во нивната земја. Во Норвешка е ограничено влегувањето на странските лица, а дополнителен проблем е забраната за играње на спорт во затворен простор.

Поради тоа, раководството на Вајперс Кристијансад испрати барање до Ростов Дон натпреварите да се играат без публика. Сепак, нивното барање заврши со разочарувачки епилог бидејќи рускиот шампион и на меѓународните и домашни натпревари овозможува присуство на публика.

Прописите во Русија за спортските натпревари односно кога во прашање е ракометот, нагласуваат дека секој тим може да има публика колку што дозволува и капацитетот на салата. Тоа значи дека натпреварот помеѓу Ростов Дон и Вајперс Кристијансад можат да го следат и до 3500 посетители.

Двата тимови силите ќе ги одмерат на 10 и 11 април во Ростов Дон. На првиот натпревар шампионот на Норвешка ќе биде формално домаќин, додека на вториот, Ростов Дон ќе ја има домаќинската улога. Победникот ќе обезбеди место на Ф4 во Будимпешта.