Во натпревар со 17 досудени седмерци, Деспина славеше над Гевгелија

Екипата на Деспина ја оствари втората победа во Женската лига откако на свој терен беше подобра од Гевгелија со 28:24 во рамките од Групата А. Натпреварот го одбележаа и големиот број на досудени седмерци, вкупно 17, од кои 12 беа за ракометарките на Деспина, а пет за екипата на Гевгелија.

Во текот на првото полувреме, Деспина константно беше во водство. Разиграни беа Камческа и Седлоска, а сето тоа даваше надеж на домашната екипа за победа.

Но, составот предводен од Татјана Бојкова преку поранешната репрезентативка на Македонија, Драгица Митрова, постепено ја намалуваше разликата. Деспина со подобрата игра во последните минути стигна да има водство од еден гол разлика на полувреме, 13:12.

Гевгелија во второто полувреме изедначи на 13:13 и го сврте резултатот во своја корист. Гостинската екипа имаше солидно водство од 18:15 и 19:17. Во постојаното израмнување и преземање на водството, прилепчанки имаа поцврста одбрана и поуспешни напади кои беа доволно за освојување на нова победа и нови три бодови на нивно конто.

Одлична партија во дресот на Деспина одиграа Ангела Камческа и Тамара Седлоска. Камческа натпреварот го заврши со девет гола, додека Седлоска седум пати се запиша во листата на стрелци. Во составот на Гевгелија прв стрелец беше Драгица Митрова со десет гола.