Во Лигата на Европа ќе играат 32 тима, ќе има само едно квалификациско коло!

Извршниот комитет на Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес одржа состанок во Луксембург, еден ден порано пред конференцијата на претседатели и вонредниот конгрес на ЕХФ, кој ќе биде одржан на истата локација.

Иако сезоната во Лига на Европа веќе започна, на состанокот во Луксембург беа донесени неколку измени за следната натпреварувачка сезона, 2023/24, во споменатото натпреварување.

Од сезона 2023/24 групните натпревари во Лига на Европа во машка конкуренција ќе се играат со 32 екипи наместо со 24. Во новиот систем, 16 екипи ќе имаат директно место во групната фаза, а уште 16 ќе се приклучат по првото и единствено квалификациско коло кое се игра во формат дома-гости.

Втората промена во второто по ранг квалитетно европско натпреварување е токму во квалификациските натпревари, па така наместо две квалификациски кола, ќе се игра едно квалификациско коло пред натпреварите по групи.

На стартот на Лига на Европа, односно во првата фаза ќе има осум групи со по четири екипи, потоа во главната фаза ќе играат најдобрите две екипи од по секоја група, кои ќе се борат за пласман во четвртфинале.

Деталениот преглед за сите промени во Лига на Европа за следната сезона ќе биде претставен во сабота пред федерациите и дополнително ќе биде објавен наредната недела.

Македонија оваа сезона во Лига на Европа има(ше) три претставници, првиот и вториот тим на Еурофарм Пелистер, како и Бутел Скопје. Еурофарм Пелистер 2 не успеа да го мине првото квалификациско коло, додека Бутел Скопје настапот во Лига на Европа ќе го започне од второто квалификациско коло. Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер има обезбедено директно место во групната фаза во ЛЕ.