Во Горење внимателни, знаат дека ги чека пеколен реванш во „Јане Сандански“

Екипата на Горење денеска ќе излезе на теренот во СЦ „Јане Сандански“ со предност од 24:19 од првата средба одиграна во Велење, а дали овие пет гола ќе бидат доволни ќе се види откако ќе стартува реваншот од 18 часот.

Горење има убава предност, но пет гола некогаш не мора да бидат доволно бидејќи во овие натпреварувања секогаш имало изненадувања.

„Свесни сме дека не очекува многу тежок натпревар на жежок терен кај противник кој веќе има доста искуство со играње во Европа. Ние се подготвивме за денешната средба и ќе дадеме сè од нашите можности за да стигнеме до добар резултат. Сакаме нова победа,а  за да се случи тоа ни треба максимум на теренот“, вели тренерот Зоран Јовичич.

Голем дел од ова размислување го дели и Емир Талетовиќ, кој вели дека мора да се одигра внимателно и да се отстранат грешките ако сакаат пак да го совладаат Металург.

„Не очекува тешка средба, а овој дуел во Скопје е како второ полувреме после кое треба да се промовираме како учесници во групната фаза од Купот на ЕХФ. Ние одиме на победа исто како и на првата средба која што ја одигравме на домашен терен. Треба да покажеме добра игра особено во одбраната ако сакаме да направиме добар резултат. Исто така мораме да поправиме и некои грешки кои ги правевме на првиот дуел“, рече пред средбата Талетовиќ.

Иако Горење е со предност на овој дуел шансите и понатаму се големи и за екипата на Металург.