Вори: Голот на Вардар стана како кутија ќибрит, а одбраната како кинески ѕид

Тренерот на ППД Загреб, Игор Вори не може никако да биде задоволен од финишот на неговите момци и одработеното. После 52 минути водство, плус шест на осум минути до крајот оваа екипа беше поразена, па Вардар ќе игра во финалето в недела.

Вори на вчерашниот прес најави дека Вардар знае како се игра до последниот свиреж и дека знае да се врати од секаква разлика. Ова се повтори уште еднаш така што на крајот ова беше само лекција која досега ја имаат примено и многу посилни тимови.

„Како да сум пророк за тоа што го реков за Вардар и што мислам за овој тим. Имавме 52 минути во кои функционираше главата, одбраната 6-0, 5-1 и нападот, но потоа како некој да нè тргна од терен. Влеговме во период во кој не се движевме и не гледавме на голот. Му честитам на Вардар. Ова е школа за сите нас. Ова е неверојатно во еден ваков натпревар во кој контролиравме сè на крајот да претрпиме пораз“, коментираше Вори.

Тој имаше интересно објаснување што се случило во последните минути и како изгледала одбраната и голот на Вардар за неговите момци.

„Ние игравме добро и паметно во нападот. До 52 минута немавме ниту технички грешки. Сепак, како да се исплашивме од победата и мислевме дека е готово. Нам голот на Вардар нѝ стана како кутија од ќибрит, а одбраната како кинески ѕид. Се гледа колку овие момци на Вардар се искусни фраери кои поминале многу во животот. Ние научивме голема лекција. Се надевам дека ја научивме. Мораме да ја кренеме главата колку што е можно повеќе после еден ваков натпревар“, рече тренерот на Загреб, Игор Вори.

Во недела од 18 часот екипата на ППД Загреб ќе се соочи со Мешков Брест во дуелот за 3. позиција и ќе има обид за утеха после денешниот пораз.