Возбудлив старт на Олимписките игри: Норвешка со пресврт против Бразил до прва радост

Со натпреварот меѓу Норвешка и Бразил од групата А, официјално започна ракометниот турнир во машка конкуренција на Олимписките игри во Токио. Норвешка очекувано ги забележа првите два бода, но неочекувано тешко. Дури по 35 минути игра, конкурентот за медал успеа да ја преземе контролата над резултатот, за потоа да го задржи водството до самиот крај. Норвежаните се радуваа на првата олимписка победа во Токио со резултат 27-24 (12-13).

Бразил имаше одличен почеток на натпреварот и по воведните 10 минути имаа предност од четири погодоци (1-4), но два промашени напади во средината на првиот дел ја вратија надежта кај Норвежаните. Дури во финишот на полувремето тие успеаа да се доближат на минимална негатива, затоа Бразилците заминаа на пауза со еден гол предност 12-13.

Почетокот на вториот дел го одлучи победникот. Иако Бразил преку Силва ја врати предноста од два погодока, грешките во следните два напади и прецизната игра на норвешката машинерија преку Сагосен во 35 минута ја донесе предноста кај бронзениот тим од последното Европско првенство. Во слично темпо продолжи натпреварот, Бразилците не можеа да го пронајдат патот до мрежата на Бергерут, а на спротивната страна следуваше казна. Тоа се одрази и на резултатот на семафорот кој на средина на второто полувреме покажуваше три голови предност за Норвежаните.

Во последните 10 минути Норвешка го засили темпото, а нивниот голман беше на висина на задачата. Тоа значеше нова серија голови и прво водство од пет разлика за европскиот тим. Предност која до самиот крај Бразил успеа да ја претвори во пристоен пораз од 27-24.

27(12-13)24

НОРВЕШКА: Сагосен 8, Мирхол 4, Фредриксен 1, Јондал 1, Бјорнсен 4, Гулеруд 1, О’Саливен 2, Реинкинд 4, Абелвик Род 3, Оверби, Петерсен; Саверас, Бергеруд (13/36 одбрани)
Исклучувања:/
Седмереци: 3/5

БРАЗИЛ: Силва 2, Мораеш 3, Чиуфа 4, Техеира 2, Дутра 2, Пончијано 2, Лангаро 5, Родригес 2, Петрус, Боргес, Торијани, Толедо; Виал Теркариол 2 (11/36 одбрани), Де Роса (1/2 одбрани)
Исклучувања: 12 минути
Седмереци: 0/3

 

Во следното коло од групата А во машкиот дел од олимпискиот турнир, Бразил ќе ги одмери силите со Франција, додека Норвешка ќе има вистински испит за своите амбиции против европскиот првак Шпанија.