„Вложија милиони евра, купија многу играчи, но ние останавме на врвот“

Тренерот на Чеховски Медведи, Владимир Максимов во интервју за „mosregtoday.ru“ зборуваше за моменталната состојба во клубот, одењето на Сергеј Косоротов во Висла и конкуренцијата во рускиот шампионат.

Според него, судбината на другите ракометари кои се носители на играта во Чеховски медведи е неизвесна.

„Сергеј Косоротов дефинитивно ќе се пресели во полската екипа, Висла Плоцк. Тој сака да ја проба неговата моќ во Европа. Мислам дека требаше да биде со нас уште една година, но јасно е дека таму платите се повисоки и различни, нема смисла да ги задржуваме играчите доколку сакаат да си одат. Не се знае судбината на Дмитри Киселев и кој пат ќе го избере тој. Киселев имаше добар настап на Светското првенство, но потоа во клубот не одигра на своето ниво”, изјави Максимов.

Владимир Максимов смета дека Чеховски медведи е најдобра екипа во Русија и покрај тоа што ЦСКА Москва има поголеми вложувања.

„Луѓето во Русија постојано зборуваа дека Чеховски медведи секогаш победува и нема конкуренција, па поради таа причина беше и создаден Спартак. Во клубот беа вложени многу милиони, имаа пари повеќе од нашиот клуб. Но, Спартак не успеа да го победи шампионот. Сега, клубот го претворија во ЦСКА Москва и беа купени голем број на играчи. Во 2020 година тие требаа да го освојат шампионскиот трофеј и Купот на Русија, но немаа хемија во екипата”, заврши Максимов.

Во рамките од полуфиналето на Купот на Русија, Чеховски медведи за противник ја има екипата на ЦСКА Москва, додека во вториот меч ќе играат Нева и СКИФ Краснодар.