Висла пропушти напад за победа – во Нант ќе се решава патникот за четвртфинале

Полско-францускиот дуел во осминафиналето на ЕХФ лигата на шампионите меѓу Висла Плоцк и Нант заврши со реми, 32-32 (14-18), но и двете екипи можат да жалат што не победија.

Домаќините го имаа последниот напад за победа и 15-тина секунди да создадат ситуација за гол, но по тајмаутот на тренерот Сабате, полскиот тим немаше шанса да упати вистински удар. И гостите можат да жалат што не се вратија дома со триумф, бидејќи во најголемиот дел од средбата имаа водство, неколкупати и со „плус 3“, а на полувреме и највисоките четири голови предност.

Следната недела во Нант се игра реваншот, и сите опции се во игра, а победникот од овој двомеч оди на мегдан на Магдебург во борба за Ф4 турнирот.

Во последните, клучни моменти од дуелот Нант немаше сила да го држи ритамот што го наметна. Откако во 43 минута Житникот израмни по вторпат на средбата, сега на 21-21, почна неизвесноста. Потоа двата тима се менуваа во водство, а во 52 минута Нант последен пат водеше (28-27). Потоа Висла имаше предност, а Нант израмнуваше.

А почетокот на средбата не најавуваше ваква неизвесна завршница. Нант брзо поведе со 3-0, а домашните дури во 21 минута стигнаа до првото израмнување (10-10). Наместо неизвеснот, Нант брзо ги искористи своите шанси и отиде на „плус 3“. Висла повторно се врати во игра, намалувајќи на 14-15. Потоа повторно серија од 3-0 на гостите, и на полувреме Нант ја има највисоката предност.

Во второто полувреме во 37 минута Нант последен пат имаше висока предност (19-16) по што почна да се топи нивната предност. Потоа дојде и второто израмнување во 43 минута по што имаше интересна завршница.

Кај домашните најпрецизен беше Тин Лучин со 6 гола, а еден помалку даде Димитри Житников. Кај гостите Валеро Ривера даде 9 гола од 10 обиди, а Одриозола даде 4 гола.