Висла Плоцк ја продолжи соработката со Хавиер Сабате до 2024 година

Полскиот вицешампион, Висла Плоцк одлучи да го продолжи договорот со тренерот, Хавиер Сабате до 2024 година. Шпанскиот стратег во полскиот клуб пристигна во текот на 2018 година и заедно со неговите избраници покажа забележителни резултати на меѓународните натпреварувања.

Од 2016 до 2017, Сабате ја предводеше машката репрезентација на Унгарија, додека од 2015 до 2017 беше главен тренер на Веспрем.

„Нашата соработка со Хавиер Сабате во текот на претходните сезони беше многу добра, така што одлуката за продолжување на договорот со тренерот беше за нас очигледна. Драго ми е што продолживме да ја спроведуваме нашата развојна стратегија со Хавиер и на тој начин успеавме да потпишеме договор за следните две спортски сезони. Чекор по чекор, градиме многу силен тим во кој полагаме големи надежи“, изјави спортскиот директор на Висла Плоцк, Роберт Чвартек.

Во новата сезона, Висла Плоцк својата авантура во Лига на Европа ќе ја започне од втората фаза каде за противник ја има Констанца од Романија.