Висла Плоцк на шопинг во Веспрем и Барселона

Мирсад Терзиќ по 11 години поминати во Веспрем на крајот на сезоната го напушта клубот. Многу брзо по објавувањето дека ќе си замине од шампионот на Унгарија, Босанецот си пронајде нов клуб каде што ќе ја продлжи кариерата.

Според полскиот “Спортове факти”, искусниот 36-годишен дефанзивец ќе биде големо засилување во одбраната на Висла Плоцк. Терзиќ ќе биде уште еден играч кој од Веспрем преминува во Висла Плоцк, а претходно истото го направи Ренато Сулиќ, кој се очекува летово да го напушти клубот.

Полјаците се блиску да ангажираат уште еден играч, се работи за ракометарот на Барселона, Абел Сердио. Сепак неговата ситуација е покомплицирана и е неизвесен трансферот за разлика од Терзиќ за кој работата е речиси готова. Сердио е долго време на метата на Висла Плоцк, но тој ја одбра понудата на Барселона.

Во каталонскиот клуб тој е трета опција по Фабрегас и Сорендо, па можноста да се пресели во Плоцк повторно е актуелна. Единствена и најголема пречка за реализација на трансферот е неговиот двегодишен договор со Барселона.