Виктор Гигов е играч на колото во Грција

Македонскиот голман Виктор Гигов кој настапува во првенството на Грција во екипата на ПАОК имаше одлично издание во 13. коло од домашното првенство и даде голем придонес во победата на својот тим.

Гигов беше најзаслужен што ПАОК на гостински терен кај Аеропос оствари сигурна победа со 19:27. Тој натпреварот го заврши со 56% одбранети удари или девет одбрани од 16 удари кон неговиот гол.

Виктор Гигов беше прогласен за играч на колото според гласањето на акредитираните медиуми, а за официјалниот сајт на ПАОК тој имаше свое видување за изборот за најкорисен играч за изминатата недела.

„После прекинот на шампионатот заради пандемијата среќен сум што се вративме на теренот со гостинска победа. Аеропос е многу добра екипа особено кога игра на домашен терен. Тоа беше причината што влеговме фокусирани на овој натпревар уште од првата секунда. Дадовме сè на теренот, ги следевме упатствата од тренерот и така стигнавме до победата. Задоволен сум од од изборот за најкорисен играч и им благодарам на сите што гласаа за мене. Исто така сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи со кои заедно се боревме за оваа важна победа на гости. Ќе продолжиме со поголеми успеси во иднина“, рече Гигов за acpaok.gr.