Виктор Гигов – голман кој со години „жари и пали“ по странство, а малкумина го знаат дома

Оваа сезона е меѓу стативите на грчкиот суперлигаш, ПАОК. 42 годишниот голман од Велес во 2017 година ја добива наградата од својата општина за амбасадор на велешкиот спорт

Ако прашате кое е најпознатото ракометно име од Велес сите ќе се сложат дека тоа е Пепи Манасков, но градот на Вардар, на гемиџиите секогаш бил расадник на одлични таленти. Некои имале среќа да се родат и играат во вистинско време, во вистински клуб, а некои и покрај својот квалитет останале во сенка на некои други спортисти. А, ако во Македонија нема многу простор за докажување тогаш вистински начин за потврда на сопствените квалитети е странство, градење на интернационална кариера.

Оние што го следат ракометот сигурно знаат кој е Виктор Гигов, а ако не сте многу во споротот што е број 1 во Македонија тогаш самиот факт со голманот долги години игра со успех во странство, па зад себе има многу сезони минати во Турција, Исланд, Хрватска, Јужна Кореја… И многупати бил во иделаниот тим на колото, на сезоната, меѓу најдобрите играчи во клубовите. Но, ретко добиваше можност да се докаже во репрезентацијата, макар и на некои пријателски средби или турнири.

Во својата кариера, Гигов беше дел од македонските клубови Борец, Младост Богданци, Тедико и Југ Куманово. На интернационално ниво настапуваше за ИБВ во Исланд , сезона 2002/2003, Цриквеница од Хрватска, сезона 2005/2006, три сезони во грчкиот суперлигаш, Аполон (од 2006 до 2009). Неговата авантура во Јужна Кореја започнува по завршувањето на своите обврски со екипата на Аполон. Гигов се преселува во Јужна Кореја и една сезона е дел од тимот на Короса, 2009/2010. Обидувајќи се да му помогне на својот матичен клуб прави кратко враќање во Борец и таму останува една сезона. Од Борец ќе започне да ја гради кариерата и во шампионатот на Турција. Таму останува најдолго во својата кариера, од 2011 до 2020 година настапувајќи за Мерсин, Кајсери, Селкаспор и Анталијаспор. Со Младост и Анталијаспорт има настапи и на европска сцена, ЕХФ Куп.

Оваа сезона е меѓу стативите на грчкиот суперлигаш, ПАОК. 42 годишниот голман од Велес во 2017 година ја добива наградата од својата општина за амбасадор на велешкиот спорт.

Велешанецот има повторно одличната сезона, овојпат со грчки ПАОК. Со неговиот тим, регуларниот дел од првенството го завршија без ниту еден пораз во својата група и како првопласирани обезбедија место во плеј-оф фазата. Таму ги чека потешка задача бидејќи за противници ќе ги имаат АЕК, клуб што триумфираше во Купот на Европа (поранешен Челинџ Куп) и екипата на Диомидис Аргос која има солиден тим. Одлично е прифатен од своите соиграчи, а за амбициите на клубот за оваа сезона, Гигов истакнува дека се скоро остварени.

Со мојот сегашен клуб ПАОК можам со сигурност да кажам дека имавме добра сезона со оглед на ситуацијата во која се најде  ракометот  со пандемијата во светот, односно ковид -19. Имавме целосен прекин на првенството во ноември и декември. И не само првенството, туку имавме прекин и со тренинзите во сала. Од јануари се вративме со тренинзи во сала, но не и на терен. Првенството продолжи кон крајот на февруари со еден натпревар, но повторно имавме прекин се до крајот на март кога конечно ракометот доби дозвола да продолжи  од Министерството за спорт и од  надлежните комисии  за пандемијата. Регуларниот  дел од првенството го завршивме на првото место во нашата група без ниту еден пораз. Од оваа недела продолжуваме во плеј-офот заедно со вториот тим од нашата група, екипата на Драма и со двата тимови кои завршија на првото и второто место од другата група, а тоа се АЕК Атина и Диомидис Аргос. Се надевам дека битката за првото место ќе ја водиме со АЕК. Оваа година екипата на ПАОК е релативно нова во споредба со минатите, имаше целосна измена на структурата на клубот во машкиот ракомет. На чело на клубот дојде личност која што го менаџира и води и женскиот ракомет (кој е доста успешен овде и е неколку години првак на Грција), нов тренер, доста нови играчи како домашни така и странски, се надевам на добри резултати и во плеј-офот.

Но, се почна во Велес. Првиот клуб во својата кариера му е Борец, клуб со традиција и реноме во минатото. Од својот татко, Љупчо ги учи основните работи во ракометот. Во Борец ги поминува сите младински категории и стигнува до првиот тим на клубот. Со овој клуб бележи солидни резултати. Велес е град на Пепи Манасков, Влатко Темелков, Дејан Манасков, Игор Тодоровски, браќата Тони и Горан Шопови, Горјан Атанасовски, Дарко Димитриевски, Костадин Петров…

Од Велес заминува во Богданци и потпишува договор со Младост. Неговите успешни настапи беа причина да ја започне интернационална кариера која трае и денес. Гигов се сели на Исланд бранејќи за амбициозниот тим, ИБВ. Таму останува една сезона, 2002/2003. На Исланд ги покажува своите квалитети и таму беше меѓу најдобрите четири голмани во националното првенство. Паралелно, Гигов додека престојуваше на Исланд работеше и како тренер на голманите во младинските школи на ИБВ. Голманот од Велес е еден од ретките ракометари од Европа со искуство од Јужна Кореја и единствениот Македонец кој настапувал во првенството на Исланд. Велешанецот направи паралела помеѓу скандинавскиот ракомет од Исланд и брзиот ракомет кој се практикува во Јужна Кореја.

Моето прво интернационално искуство беше токму на Исланд , далечната 2002 година. Во тоа време не беше многу лесно да се замине во странство како денес, критериумите беа високи, паметам бараа неколку целосни натпревари од првенствата, па потоа и пробни тестирања во клубовите. Ако беа задоволни двете страни се потпишуваа договори. Исланд е ракометна држава, препознатлива по брзиот и динамичен ракомет, како и во останатите скандинавски земји. Кога заминав да играм таму видов дека се доста посветени на ракометот како спорт, таму почетоците во различни категории децата ги имаа уште на 5 годишна возраст што кај нас тоа пред 19 години го немаше. Во Јужна Кореја исто така се игра еден динамичен ракомет, каде што нема многу време да се извршат тие измени во напад и во одбрана во текот на натпреварот, така да таму претежно играат играчи во два правци  т.е играчи што можат да играат и напад и одбрана. Тренинзите во Кореја беа доста напорни и физички тешки каде што играта се сведуваше на игра еден на еден и пронаоѓање  на што побрзо решение за гол, уште во тоа време таму беше имплементирано правилото на брз центар.

Ретко се случува македонски ракометар да игра во Грција. Но, во минатото такво искуство имаа и Александар Зарков па и Пепи Манасков. Со време, грчкиот ракомет станува поквалитетен, и повеќе странци доаѓаат да играат. Челниците на ПАОК имаат високи аспирации за наредната сезона на домашен план, но и добро претставување низ Европа доколку се стигне до некој од Европските купови.

Амбициите на клубот кога дојдов овде беа да оствариме излез во Европа и пласман во плеј-офот, но и  пласман  на завршницата од Купот на Грција. До овој момент, ги остваривме зацртаните цели. Клубот има амбиции во наредната сезона да изгради стабилен тим кој ќе го врати трофејот во витрините на клубот. Атмосферата во клубот е одлична, странците сме исто така добро прифатени  и се надевам на успешна сезона и во иднина.

Грчките клубови години наназад се трудат на направат сериозен успех на европска сцена. Оваа сезона, АЕК Атина обезбеди финале во Европскиот куп и успеа да стигне до титулата, а останатите клубови во машка и женска конкуренција одиграа на солидно ниво. Македонскиот интернационалец во Грција смета дека ракометната ситуација во грчкиот ракомет има промени во однос на минатите години и дека во последните години ракометот како спорт доби популарност во самата држава, но и широка поддршка ( вложувања, спонзори, медиуми).

Во Грција имам настапувано  три  години, првпат во сезоната 2006/2007 и повторно годинава. За овие години помеѓу мислам дека е сменет пристапот кон ракометот. Мислам дека доаѓаат добри времиња за грчкиот ракомет, многу тренери се едуцираа во странство кои што сега работат во клубовите овде. Секоја година се зголемува и бројот на грчки ракометари кои настапуваат за европски клубови. Со тоа што и екипата на АЕК го играше финалето на европскиот куп во ракомет против шведски Иштад, мислам дека доволно кажува дека ракометот овде се движи по нагорна линија, а знаеме дека резултати преку ноќ не доаѓаат така лесно.

Играњето во странство, особено во лиги кои не се многу популарни не носат надеж дека можеби ќе стигне и повик за настап за репрезентацијата на Македонија?

Секој очекува повик од репрезентација. Јас учествував на две младински квалификации за СП во Израел и ЕП во Унгарија, заедно со голем дел од поранешните репрезентативци како Мојсовски, Кире Лазаров, Раде Стојановиќ, Петар Ангелов, Влатко Темелков, Лазо Мајнов, Ванчо Димовски, под водство на Гино Стрезовски. Потоа добив повик и за турнир Карпати со сениорската репрезентација, но поради сплет на околности и обрвски спрема тогашниот клуб во ЕХФ купот не добив дозвола да заминам. После тоа, кариерата ја продолжив во странство, можеби во тоа време беше потешко да се следат настапите на интернационалците затоа што тогаш немаше развиено социјални мрежи, а денес е многу полесен пристапот кон информации за еден играч и неговите настапи надвор од државата.

Искусниот голман од Велес смета дека селекторот и играч на репрезентацијата на Македонија, Кире Лазаров  донесе голема свежина со формирањето на Б репрезентација.

Денес имаме стабилни финансиски клубови зад кои стои добрата организација пред се на РФМ на чело со претседателот, Живко Мукаетов . Мислам дека со неговото доаѓање доста работи се променија на подобро. Не можеш да имаш успешни клубови ако немаш успешна федерација која стои зад нив. Имаме голем фонд на млади играчи кои треба да работат, да се надградуваат и да се докажуваат, да даваат 100 % од себе, не само на тренинзите туку и на натпреварите, независно колку добиваат минутажа. Добро е тоа што Кире Лазаров направи  Б репрезентација, по примерот на некои  европски држави кои ги имаат тие Б тимови, каде што ќе имаат шанса младите да се докажат и да соберат искуство и оние кои за првпат се повикани во ростерот. Мислам дека македонскиот ракомет има иднина и се надевам дека ќе продолжи долгогодишното континуирано  учество на нашата репрезентација  на големите натпреварувања на европско и светско ниво.

Велешанецот е задоволен од настапите во грчкиот шампионат и моментално на негова адреса има неколку понуди за следната сезона.

„Оваа сезона решив да ја променам средината и се одлучив тоа да биде ПАОК. Се договоривме со раководството на клубот многу брзо, условите се многу добри и истите се идеални за мене. Имам неколку понуди за следната сезона, но во овој момент сум фокусиран само на натпреварите со мојот тим.