Веспрем славеше над Будакалаш, Манасков стрелец на првиот гол во новата сезона во Унгарија

Веспрем со убедлива победа ја отвори новата сезона во унгарскиот шампионат, откако славеше над Будакалаш со 35-23.

Избраниците на Давид Дејвис имаа мали проблеми во првото полувреме со противникот, но по 13-12 дадоа три гола во серија за плус четири на пауза, 16-12.

Вториот дел беше само формалност, а стратегот на Веспрем им даде шанса на сите ракометари што беа во составот.

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков беше стрелец на првиот гол за Веспрем во новата сезона, што е всушност прв гол во унгарскиот шампионат.

Тој постигна вкупно три погодоци. Веспрем во второто коло ќе се сретне со тимот на Балатонфуреди.