Веспрем потврди – потпишаа Елдера, Печмалбек и Вајлупов, нов договор за Маргуч!

Унгарскиот вицепрвак Веспрем денеска потврди четири нови имиња во тимот на Момир Илиќ. Тоа се средните бекови Герго Фазекаш и Јахја Елдера, пивотменот Драган Печмалбек и десното крило Никита Вајлупов.

Елдера летово беше пред трансфер во Вардар, но за жал тој не реализира, но египетскиот репрезентативец сепак следната година ќе дојде во Европа. Тој се обврза на двегодишна верност со Веспрем и ќе ја засили левата и средна бековска позиција.

Печмалбек беше на радарот на ПСЖ, но сепак Раул комплетира пикерско трио, па српскиот репрезентативец се реши да ја прифати понудата на Веспрем. Пивотменот потпиша договор до 2025 година.

Уште одамна беше најавено дека Никита Вајлупов ќе го напушти Мешков Брест, а како следна дестинација се споменуваа Келце и Веспрем. Полскиот тим веќе ја пополни десната крилна позиција, па јасно беше дека Вајлупов ќе оди во унгарскиот тим. И тој како и Елдера се обврза на договор до 2024 година.

Веспрем исто така го потврди трансферот на еден од најголемите унгарски таленти, средниот бек Герго Фазекаш, кој потпиша договор на четири сезони до 2026 година.

Покрај четирите нови засилувања, Веспрем објави и дека е продолжен договорот со десното крило Гашпер Маргуч, кој ќе остане во унгарскиот тим до 2024 година.

Со овие четири засилувања, тренерот Илиќ ќе има на располагање одличен ростер, кој ќе биде способен за настап на завршниот турнир во Лигата на шампионите и да ја освои долгоочекуваната европска титула.