Веспрем носи уште еден член од шампионската генерација на Вардар

Тренерот на Веспрем, Давид Дејвис, продолжува да носи поранешни вардарци во унгарскиот гигант.

По Вуко Борозан, Рожерио Мораес, Хорхе Македа, Данил Шишкарев, Арпад Штербик, како и кондицискиот тренер Марија Лојаница, на ред дојде и физиотерапевт.

Станува збор за Димитар Маневски, кој беше дел од Вардар во двете сезони кога македонскиот клуб стана европски шампион и се грижеше за здравјето на ракометарите.

Тој во Веспрем ќе работи во тандем со Немања Вучиќ, а во Унгарија оди откако работеше во КЛ7, каде што мина полусезона се до промената на раководството.

Маневски беше седум години во Вардар, додека четири ипол години работеше и во националниот тим, но последна негова акција беше во Египет, кога Македонија играше на Мундијалот.