Веспрем најде замена за Мораес, ама не е од Вардар

Унгарскиот шампион Веспрем експресно најде замена за бразилскиот репрезентативец Рожерио Мораес, на кој му беше раскинат договорото по негово барање.

Во минатите сезони навикнавме Унгарците да ангажираат ракометари што играле во Вардар, но се чини дека ја сменија политиката. Иако многумина веќе го „видоа“ Глеб Калараш во Веспрем, сепак замената за Мораес нема да биде Русинот, туку Адриан Сипос.

Станува збор за унгарскиот репрезентативец Адриан Сипос, кој има 31 година и доаѓа од Татабања, а се обврза на двегодишна верност. Тој ќе им прави друштво на Андреас Нилсон и Блаж Благотиншек на линијата од шест метри.

Сипос има веќе играно во младинските категории за Веспрем, а потоа шест сезони играше за романските Бакау и Одорхеи. Последните пет години ги мина во Татабања, со кој играше четири пати во Лигата на Европа против Еурофарм Пелистер.

Покрај Мораес, Веспрем се збогува и со Вуко Борозан, Николај Маркусен, Данил Шишкарев, Кент Робин Тонесен, Мартон Секељ, како и тренерот Давид Дејвис.