Веспрем и ПИК Сегед ќе добијат скоро 2 милиони евра помош од федерацијата

Унгарија се подготвува да донесе важна одлука во пресрет на почетокот на сезоната, а тоа е згуснување на распоредот на натпреварите. Регуларниот дел од првенството би требало да заврши на 17 јануари 2021 година, а потоа ќе останат заостанатите наптревари на екипите кои играат во европските купови.

Унгарската федерација активно работи на подобрување на квалитетот на спортот во земјата и обезбедува голема помош за екипите. Сите клубови во Унгарија имаат голема поддршка од федерацијата која има склучено договор за соработка со националната унгарска лотарија. Соработката со лотаријата е со цел развој на ракометот во земјата.

Унгарските клубови ќе добијат значителна финансиска помош која произлегува од договорот на федерацијата со лотаријата, па Веспрем и ПИК Сегед ќе добијат 1,7 милиони евра. Околу 9,5 милиони евра ќе добијат останатите 28 клубови од првите лиги во машка и женска конкуренција. Очекувано помошта за женските тимови е помала но сепак многу значајна во овие услови на пандемија.

Со ова Унгарците потврдуваат дека ракометот во нивната земја е на многу високо ниво и преземаат мерки за да продолжи да се развива во посакуван правец. Многу клубови во Европа имаат помали вкупни буџети од оној што најдобрите унгарски тимови го добиваат како помош од федерацијата.