Вардар го договори првото засилување за следната сезона

Екипата на Вардар која дефинитивно има сезона за заборав, полека започна да го гради тимот за наредната сезона, а прво засилување во редовите на „црвено-црните“ е десниот бек од Спартак, Ангела Гроздановска, која потекнува од школата на Вардар. Договорот на Гроздановска со екипата на Вардар е на една година.

Повратничката во вардаровиот дрес ги мина сите селекции на вардарки, беше дел од првиот состав на пионерската екипа која освои титула во својата конкуренција и ја прекина доминацијата на Металург, потоа играше за кадетките, младинките и сениорките на Вардар.

Во текот на 2020 година направи трансфер во Спартак и во клубот од Кисела Вода за две години израсна во лидер. Гроздановска речиси на сите натпревари во Женската лига постигнуваше двоцифрен број на погодоци и најверојатно во сезоната која е при крајот, ќе заврши на 3 место на листата на стрелци. Младата ракометарка, моментално, има постигнато 197 погодоци.

Раководството на Вардар за следната сезона планира уште неколку засилувања. Со дел од ракометарките се обновени договорите, а пред извесен период, клубот ја информираше јавноста дека актуелниот тренер, Драгана Ристова, ќе си замине на крајот од сезоната.