Вардар со нов трофеј, по 14. пат на тронот од Купот на Македонија

Ракометарите на Вардар го совладаа Еурофарм Пелистер со 26:24 во тврд натпревар полн со неизвесност и постојано надигрување. На крајот решаваше еден шут или подобро одиграна акција, а Чупиќ стави печат на новиот трофеј, кој е број 14 за Вардар во Купот на Македонија.

Освен почетното израмнување на 1:1 во продолжението од првото полувреме екипата на Вардар беше во постојана предност. „Црвено-црните“ брзо дојдоа до 5:1, а потоа и до ново зголемување на водството кое стигна и до шест гола.

Еурофарм Пелистер долго се обидуваше да фати приклучок, но освен што намали на три гола тешко можеше до нешто повеќе. На секое враќање на тимот од Битола во ритам следуваше ново зголемување така што брзо се реагираше и се даваше нов тек на средбата.

Откако на три минути пред заминување на одмор беше 13:10 следуваа три погодоци за на одмор да се замине со 16:10 и ова беше резултат кој најавуваше каков ќе биде епилогот на овој дуел односно кој ќе биде тимот што ќе дојде до трофејот.

Она што функционираше добро во првото полувреме како да падна во вторите 30 минути. Почна игра во која вардарци десетина минути имаа само два гола. Тешко доаѓаа до шут и грешеа во додавањата или при последниот удар. Тоа влијаеше после 40 минути да биде 18:15 и тука веќе тимот на Еурофарм Пелистер најавуваше враќање во натпреварот.

Кризата во редовите на Вардар продолжи, а Велковски намали и на два гола разлика и тоа во моменти кога Еурофарм Пелистер имаше играч помалку на теренот. При 19:17 во 45. минута Алушовски мораше да бара тајм-аут, но и после него немаше реализација. Чаневски го запре Дибиров.

Како и во претходните ситуации и сега тимот од Битола не успеа да направи и чекор плус и да се доближи туку одново се враќаше во поголема негатива. На сето тоа во 51. минута поцрвене и Радовиќ поради остар старт над Дисингер така што еден од порасположените играчи на Еурофарм Пелистер порано се пресели на трибините.

Лошата игра во нападот на Вардар резултираше со голема неизвеснсот во завршницата од натпреварот. На нешто повеќе од две минути Маџовски со вториот гол по ред намали на еден гол, 23:24 и Вардар веќе не можеше да биде сигурен. Алушовски мораше да бара тајм-аут. После долго комбинираше Дибиров беше играчот што реализираше на минута до крај.

На два негатива и 60 секунди до крајот, Бабиќ го побара последниот тајм-аут. Периќ погоди за 25:24, а потоа Чупиќ стави точка на средбата за 26:24 и за нова титула на Вардар.

ВАРДАР – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР           26:24 (16:10)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегати: Драган Начевски и Камер Металари од Скопје.

ВАРДАР: Ристовски (8 одб.), Кизиќ, Шеваљевиќ, Валчак, Јагуриновски, Стоилов 2, Георгиевски 4, Карапалевски, Дисингер 6,  Јотиќ 4, Калараш, Чупиќ 7, Талески, Дибиров 3, Векиќ, Мишевски

Седмерци: 3/3, Исклучувања:  8 мин.

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Хендави (1 одб.), Чаневски (10 одб.), Мараш, Ојлески, Маркоски 1, Маџовски 2, Кукуловски, Мандалиниќ, Кушан 1, Радовиќ 4, Танкоски 4, Периќ 9, Костески, Кукоски, Велковски 3, Граџан

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 8 мин.