Вардар се справи со Холстебро, ќе се бори за трофеј во Магдебург

Ракометарите на Вардар обезбедија место во финалето на „Хумел Купот“ во Магдебург, откако славеа над данскиот Холстебро со 28-33.

Во првиот дел најчесто се играше гол за гол, па ниту данската, ниту македонската екипа не направија поголема предност од два гола. На пауза „црвено-црните“ водеа со 13-14.

По седум минути игра во второто полувреме, вардарци се одлепија на плус четири гола предност, 15-19, а за кратко време македонскиот тим имаше и плус шест, 16-22. Вардар стигна и до плус седум, 17-24. Тренерот на Холстебро повика тајм-аут, нпа неговите ракометари заиграа посериозно во продолжение од натпреварот.

Искусниот Маркусен намали на 20-25, а Дамгард стрелаше за 24-27 и ја врати неизвесноста на десетина минути до крајот. Во следниот период најчесто се играше гол за гол, па во 56. минута беше 27-30. Вардар до крајот рутински го одржа резултатот за конечни пет разлика, 28-33.

Филип Талески и Жереми Тото постигнаа по шест гола, Гурбиндо даде пет, Мишевски четири, а Моралес три. Противник на Вардар во мечот за трофејот на „Хумел Купот“ ќе биде победникот од двобојот меѓу Магдебург и Горење.