Вардар против Металопластика, Еурофарм Пелистер најверојатно против Мешков

Иако уште не е завршена групната фаза во СЕХА лигата полека може да се види како ќе се одвиваат работите до крајот на оваа сезона односно против кого тимовите на Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се борат за пласман на Ф4 турнирот.

Вардар ќе мора да игра два натпревари повеќе, но ќе има полесен пат за остварување на целта и учество на уште еден завршен турнир. Веќе е јасно дека во осминафиналето противник ќе биде тимот на Металопластика. На овој двобој Вардар ќе биде фаворит, а победникот ќе оди на дуел против тимот кој ќе финишира како прв во Групата А.

Таму Загреб е во предност во моментов во однос на Еурофарм Пелистер. Има бод повеќе, но и натпревар помалку, па на средбата против Металопластика на 25 мај може да го потврди првото место што практично ќе го направи Загреб ривал за Вардар во четврт-финалето.

Ова воедно ќе значи дека Еурофарм Пелистер ќе наиде на силен противник во четврт-финалето и ќе треба да се соочи против тимот на Мешков Брест.

Засега се познати две двојки за четврт-финалето. Јасно е дека Веспрем ќе игра против Нексе, а Мотор Запорожје против Татран Прешов. Останува да се види како ќе се комплетираат другите две двојки и дали ќе има некакво изненадување.