Вардар продолжува во супериорно издание – Астибо немоќен во Скопје

Ракометарките на Вардар во рамките од 4. коло од Женската лига на свој терен беа убедливи против Астибо со 38:25. На овој натпревар во составот предводен од Драгана Ристова не настапија Сара Миновска, Бојана Коцева и Ивана Џатевска поради репрезентативни обврски во националниот тим на Македонија.

Екипата од Штип во Скопје пристигна со 12 ракометарки, додека вардаровиот тим настапи со 16 ракометарки на терен.

Вардарки уште од самиот старт тргнаа во офанзива и не дозволија никакво изненадување на домашен терен. Домаќинките со цврста одбрана и добри напади имаа водство од 4:0 по пет минути игра. Ракометарките на Астибо првиот гол го постигнаа во текот на 6. минута преку Костадинова и започнаа да играат поангажирано.

Малото опуштање во составот на Вардар беше причина Астибо резултатски да се одржува во игра, но тоа беше само за момент бидејќи ракометарките на Вардар повторно започнаа со својата доминација. Водството на Вардар од 12:6 беше надополнето на десет гола разлика, 21:11, на полувреме.

Во вториот дел, Вардар стигна до позитива од 25:14, тука беше решен и самиот победник на овој натпревар. Останатиот дел од натпреварот беше само формалност. Најефикасна во редовите на Вардар беше Ивона Трпевска со осум гола. Во екипата на Астибо се истакнаа Марија Анчева со 12 и Драгана Стојанова со седум гола.