Вардар остана без Хрватот: Анте Гаџа потпиша за Ал Нор!

Хрватскиот среден бек Анте Гаџа нема да се врати на терените во дресот на Вардар, иако имаше актуелен договор со македонскиот шампион до крајот на оваа сезона.

Гаџа потпиша договор со тимот на Ал Нор од Саудиска Арабија и во пролетниот дел од сезоната ќе го носи дресот на овој клуб кој ќе се бори за шампионската титула со Ал Мудар предводен од Зоран Кастратовиќ.

Средниот бек се повреди оваа година во месец април, ги скина предните вкрстени лигаменти и требаше да се врати на теренот во „црвено-црниот“ дрес, но тоа нема да се случи.

Гаџа дојде во Вардар во 2019 година од хрватскиот Загреб, а претходно настапуваше за Нексе Нашице и Иваниќ Град.

Вардарци и без помошта на хрватскиот среден бек ја освоија шампионската титула во минатата сезона, а оваа сезона имаат 13 победи на 13 меча во Суперлигата и го минаа првото коло во Купот на Македонија.

Стратегот на Вардар, Владо Недановски, остана со Марко Добрковиќ и Мартин Карапалевски на средната бековска позиција, а тука може да помогне и Марко Мишевски. Македонскиот тим не настапува во Европа оваа сезона, но за кратко време треба да започне со настапите во регионалната СЕХА лига.