Вардар не најде лек за Нексе, загуби и во Нашице

Екипата на Нексе дојде до победа од 28:25 со што го надигра Вардар и на вториот дуел, па ова практично значи и прво место во групата Б бидејќи тешко ќе може Вардар да го надомести ова заостанување од шест бода во однос на тимот од Нашице.

Од почетокот на средбата стана јасно дека Вардар ќе има проблеми на ова гостување и дека нема да може лесно да дојде до бодови. Домашните влегоа многу подобро во средбата и почнаа да го диктираат темпото и да имаат целосна контрола на резултатот.

При водство од 3:2 во 6. минута ракометарите на Вардар попуштија во ритамот и за нешто повеќе од три минути примија четири гола и влегоа во негатива. Тоа влијаеше на играта, а домашните продолжија да играат во уште посилно темпо. На средина од првото полувреме стигнаа до 10:4 и веќе се чинеше дека тука нема да има простор за враќање на вардарци.

Сепак, во завршницата од првото полувреме дојде до намалување на три гола негатива, 12:15 што даваше надеж за продолжението од средбата. Меѓутоа уште од почетокот на 8. минута Вардар играше без главниот дефанзивец Бакари Дијало кој доби директен црвен картон и веќе беше јасно дека ќе мора да се зголеми интензитетот ако се сака победа.

Вториот дел продолжи со поизрамнета игра. Вардар се обиде да намали, но Нексе имаше одговор на играта. Имаше водство од 3-4 гола, но вардарци на 11 минути до крајот стигнаа на само гол негатива и имаа 20:21. Сепак, домашните не дозволија Вардар да има напад за израмнување бидејќи веднаш беше вратена разликата од три гола.

Нова надеж се појави на три минути до крај кога Моралес намали одново на гол разлика, 24:25, но одново брзо беа примени два гола и веќе беше јасно дека Нексе ќе победи и на овој натпревар.

НЕКСЕ – ВАРДАР             28:25 (15:12)

Сала: „Краљ Томислав“ во Нашице. Судии: Михал Бадура и Јарослав Ондогрекула од Словачка Делегат: Јан Рудински од Словачка.

НЕКСЕ: Радовановиќ (3 одб.), Кузмановиќ (5 одб., 1 сед.), Бакиќ 1/2, Баришиќ Јаман 2/4, Вејин 6/7, Јелиниќ 1/1, Вида, Мицевиќ, Блажевиќ, Велкаврх 1/3, Северец 4/5, Мелиќ 4/6, Јагањац 7/11, Кавлиќ 2/2, Маркушиќ, Прибетиќ 0/2

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 4 мин.

ВАРДАР: Томовски (7 одб., 1 сед.), Гогов (1 одб., 1 сед.), Стоилов 1/2, О. Њокас 4/7, Валчак 3/3, Моралес 7/8, Георгиевски 2/3, К. Њокас 2/6, Карапалевски 0/1, Дијало, Чувара 2/2, Тото 2/2, Талески 1/2, Дибиров, Крстевски 1/1, Ѓукиќ 0/1

Седмерци: 0/1, Исклучувања: 6 мин.