Вардар немаше сили за нов пресврт, Веспрем се реваншираше за ланскиот пораз

Во осмото финале од СЕХА лигата, вардарци го претрпеа вториот пораз и вторпат тоа се случи против тимот на Веспрем. Денеска тоа се случи во Задар каде што шампионот на Унгарија победи со 35:27. На тој начин Веспрем се реваншираше за поразот во ланското финале во Лигата на шампионите.

Веспрем беше во водство од почетокот на средбата. Поведе со 3:0 после четири минути игра, па потоа овие три гола постојано ги зголемуваше. Немаше многу простор за игра, а грешки имаше и на двете страни. Во еден таков ритам составот на Вепрем беше во предност и немаше поголеми проблеми да го одржува високото водство.

Најголемата предност во првиот дел беше шест гола, но вардарци не се откажуваа од идејата да се вратат во игра и успеаја да намалат. Неколку добри акции беа доволни за на одмор да се замине со негатива од три гола и резултатот да биде 12:15.

Сепак, она што беше добро сработено во последните неколку минути од првото полувреме не беше повторено на почетокот на вторите 30 минути. Немаше можност да се одигра на истото ниво. Ракометарите на Веспрем имаа контрола и во секој момент знаеја што сакаат на теренот.

Вардарци го загубија чекоро многу брзо. Разликата од шест гола беше вратена на средината на второто полувреме. Тука веќе стана јасно дека Вардар го има загубено овој дуел бидејќи и кога се наоѓаше начин да се помине одбраната тогаш Коралес беше проблем кој лесно стигна до двоцифрен број на одбрани.

Иако Вардар многупати има покажано дека знае како да се врати и од невозможното, овој пат беше јасно дека нема да има шанси за да направи нешто слично. Веспрем лесно дојде до голем број на голови и до победа од 35:27 така што на крајот титулата по третпат заврши кај шампионот на Унгарија.

Калараш со шест гола, Валчак и Јотиќ со по четири беа најефикасните ракометари во редовите на Вардар. Ристовски заврши со седум интервенции. Во Веспрем, Коралес имаше двојно повеќе одбраниа, додека Ненадиќ со пет гола беше најпрецизниот.