Вардар имаше минус шест, но на одмор има три гола негатива против Веспрем

После 30 минути игра во финалето во СЕХА лигата резултатот е 12:15. Вардар има три гола негатива, но тоа не е недостижно така што останува можноста „црвено-црните“ во продолжението од средбата да се борат за подобар резултат.

Натпреварот тргна лошо за Вардар. Резултатот после четири минути игра беше 0:3, а оваа негатива продолжи да се зголемува и во следните минути кога Веспрем дојде до уште поголема предност. Не одеше најдобро и во нападот и во одбраната, а тоа донесе 2:6 во 10. минута.

Највисоките шест гола негатива беа достигнати 11 минути подоцна. Се играше 21. минута кога тимот на Веспрем веќе имаше обезбедено водство од 13:7 така што ова бее момент кога се чинеше дека шампионот на Унгарија го решава овој дуел во своја корист.

Како одминуваше времето така стануваше јасно дека нема да има многу простор за надигрување односно простор за враќање бидејќи во моментите кога се правеше чекор напред Коралес бранеше одлично и задаваше грижи за Алушовски.

Дури и во таква ситуација остана шанса за Вардар да се врати во игра и да намали. После една интересна акција во која Калараш и Чупиќ погодуваа во стативата топката заврши зад грбот на Коралес за 12:15, а потоа откако Веспрем не успеа да релаизира и вардарци не искористија напад од 40 секунди така што на одмор се замина со три гола негатива.

Јотиќ и Чупиќ со по три гола се најефикасни во Вардар, а по еднаш во листата на стрелци се запишаа Валчак, Јагуриновски, Дисингер, Калараш, Дибиров и Вујин. Во првото полувреме голманите имаат само една одбрана, а таа е запишано зад името на Борко Ристовски.

Затоа, пак, Коралес има осум интервенции, а најефикасни се Штрлек и Борозан со по три гола.