Вардар е нов лидер кај жените – за Чаир прв пораз сезонава

Ракометарките на Вардар ја продолжија низата од победи во Група А во првенството откако и во третото коло триумфираа, овојпат против градскиот ривал Чаир со 29-27 (17-15). „Црвено-црните“ имаат максимални 9 бодови, а Чаир и Шампион остануваат на второто место со по шест бодови.

Вардарки тргнаа одлично и набрзина ги искористија сите шанси за да направат водство од 4-1. Им требаше време на гостинките да се „наместат“ и да почнат на играат како што посакуваше клупата. Чаир не се предаваше, чекаше, упорно работеше на терен и тоа им донесе топење на предноста на домаќинките, па и водство во 20 минута, 9-8. Најавен беше пресврт, но ниту еден тим немаше сили да направи поголемо водство.

Во период на многу грешки од двете страни се менуваа акции без реализација. Како што почна Вардар така и го заврши првото полувреме, со предност која најмногу беше поради грешките на гостинките и од негатива 12-13, „црвено-црните“ отидоа на 16-13. До крај на првиот дел Чаир само намали на 15-17 најавувајќи интересен втор дел.

Силно тргнаа вардарки на почетокот од вториот дел и поведоа со 20-16. Првпат Вардар имаше водство од „плус 5“ за 22-17. Но, ниту тоа не беше знак дека една екипа веќе почнува да го решава натпреварот. Чаир пак се враќа во игра.

Прво намалува на 22-20, а потоа при резултат 22-20 пенал одбрани гостинската голманка Аниса Сали. По два нерализирани напади на двете страни, Теодора Гулицоска носи нова неизвесност, а Чаир намалува на 22-21 во 45 минута. Кога не се користат шансите казната стигнува, па така Вардар зголеми на 24-21. Многуте грешки на двете страни беа причината што немаше повеќе голови. Вардар не можеше да се одлепи, а откако гостинките намалија на 24-22, тренерот Александар Царчев побара тајм-аут.

Вардар натпреварот го продолжи без пивотменот Ивана Џатевска која при еден шут во 50 минута падна и со силен извик покажа дека има сеирозна повреда. Неколку минути траеше укажувањето на помошта, а Ивана остана покрај теренот заедно со лекарите. Но, подоцна се врати во игра.

Чаир повторно беше во игра за позитивен резултат бидејќи имаше негатива од еден гол, а остануваа уште девет минути од натпреварот. Голманката Магдалена Којовиќ која на мечот и немаше шанса да покаже многу во 52 минута брани многу важна топка, но нападот повторно ја прокоцка шансата. На другата страна Диневска погодува за 26-24.

Последните пет минути од драмата во СЦ „Јане Сандански“ почнаа со предност на Вардар од 27-26, и со играч помалку на теренот по исклучувањето на Нина Попова. Домаќинките шутираа над гол, а и Чаир не реализираше напад. Но, сега Вардар не реализираше, а Чаир погоди за израмнување, 27-27.

Сара Стефановска во 59 минута донесе нова радост за вардарки со нејзиниот деветти гол на средбата и водство 28-27. Бојана Коцева во контра погодува за 29-27 најавувајќи дека бодовите остануваа во Аеродром.

Во победничкиот тим на Вардар најефикасна беше Сара Стефановска со 9 гола, а шест постигна Бојана Диневска. Во тимот на Чаир, „десетка“ зад името запиша Теодора Гулицоска.

Во следното коло Вардар гостува кај Гевгелија, а Чаир игра во Битола со Пелистер.