„Вардар е институција и Европа без него не би била иста“

Репрезентативецот на Србија, Мијајло Марсениќ три сезони го носеше дресот на македонскиот шампион, Вардар. Со Вардар ја освои и првата титула во Лигата на шампионите во сезона 2016/2017. После добрите настапи за Вардар доби понуда од Фуксе Берлин и се реши да настапува во најквалитетната лига на светот.

Пикерот на германскиот тим во интервју за „Балкан Хендбол“ изјави дека ги следел настапите на неговиот поранешен клуб во Лигата на шампионите и последниот натпревар на Вардар во осминафиналето против Веспрем.

„Искрено, криво ми беше, бидејќи Вардар пред неколку сезони го добиваше Веспрем и во групната фаза и во финалето од Лигата на шампионите. Веројатно, со самата смена на управата и вложувањата не се истите како што беа додека беше Сергеј. Јас се надевам дека Вардар ќе се издигне, Вардар е институција и Европа без Вардар не би била иста. Во следната сезона се надевам дека ќе бидат како што беа и порано или да бидат повеќе конкурентни отколку што беа во оваа сезона. Знам колку луѓе во Македонија го сакаат Вардар, и колку таму се следи ракометот и репрезентацијата. Следам дека прават доста подобра екипа за следната сезона, мислам дека тоа ќе биде сериозна екипа и се надевам дека нема да се случуваат такви порази како што беа од Веспрем. Секако, Веспрем е финансиски и играчки многу подобар од Вардар и самиот резултат беше очекуван”, изјави Марсениќ.

Марсениќ не беше единствениот репрезентативец на Србија во Вардар. Во тимот ги имаше и Илија Абутовиќ и Страхиња Милиќ. Тогашниот тренер на Вардар, Раул Гонзалез постави шпански систем во играта на Вардар, а тоа за Марсениќ не претставуваше никаков проблем и лесно се прилагоди на игрите во Вардар.

„Јас сум навистина благодарен и среќен што играв во Вардар со такви играчи. Од самиот почеток во Вардар со Илија Абутовиќ имав прекрасна соработка. За сите работи кои не ми беа јасни тој беше тука за мене бидејќи шпанскиот систем во Вардар беше тежок, но кога ќе се прилагодиш сето тоа ќе остане и до крајот на кариерата. Воопшто не ми беше тешко во Вардар, ни требаше само неколку тренинзи да се прилагодиме”, заврши Марсениќ.

Во својата кариера, Марсениќ во Македонија пристигна од Партизан во Металург. За тимот од Автокоманда одигра една сезона и потоа се пресели во Вардар. Денес е актуелен член на Фуксе Берлин од Германија и стандарден репрезентативец на Србија.