Вардарци завршија со паузата, од денеска се повторно во акција

Шампионот на Македонија и двократен освојувач на Лигата на шампионите, Вардар од денеска одново е во акција, а ракометарите кои немаа репрезентативни обврски се на тренинг. Тренерот Стевче Алушовски го одржа првиот тренинг со момците така што од денеска е одново активно на теренот во СЦ „Јане Сандански“.

На првиот тренинг Алушовски не можеше да ги има сите ракометари. Тројца се на подготовки со репрезентациите на своите земји. Дисингер денеска ги заврши обврските бидејќи сметаше дека не е доволно подготвен за да настапи на Светското првенство, па деновиве може да се очекува да се стави на располагање на тренинзите на Вардар.

Иван Чупиќ е со Хрватска, а Патрик Валчак со Полска и се очекува и двајцата да играат на Мундијалот во Египет.

Што се однесува до Талески и Мишевски тие во минатите денови беа на подготовки со репрезентацијата на Македонија така што деновиве и тие ќе се приклучат на работата на националниот тим.

Вардар ќе има тежок распоред бидејќи уште на крајот од јануари го очекуваат натпревари и тоа прво во СЕХА лигата. Потоа февруари е преполн со дуели од Лигата на шампионите, додека во март ќе стартува и плеј-офот од Супер машката лига така што темпото ќе биде пеколно.