Вардарки со нова победа си заверија уште една рунда во Европскиот куп

Женскиот состав на Вардар се пласираше во следната рунда во Европскиот куп откако се избори за победа и на реваншот против Приштина со 32:27.

Вардарки покажаа многу повеќе на теренот и уште во првото полувреме го решија натпреварот така што само го потврдија пласманот во следната фаза од натпреварувањето бидејќи имаа предност и од првиот дуел.

После 30 минути игра резултатот беше 21:11 така што немаше неизвесност околу пласманот во следната рунда. Плус десет за едно полувреме беше сосема доволно да може во вториот период од средбата да се има контрола и да се дојде до убедлив севкупен триумф.

Иако во второто полувреме гостинките намалијаи го ублажија поразот, сепак, тука немаше дилеми околу пласманот. Вардарките знаеја како да ја зачуваат предноста така што одработија сигурно до крај за победа од 32:27.

Во завршницата можеше и да се игра смирено така што после 39:35 пред една недела, сега 32:27 за вкупни 71:62 и пласман понатаму во Европскиот куп. Вардар останува единствениот женски тим кој ќе игра уште едно коло бидејќи Чаир и Металург отпаднаа минатиот викенд, а Деспина после денешниот пораз е пред елиминација.

На оваа средба вардрки не беа комплетни. Во тимот ја немаше голманката Јована Трајкоска, а уште од претходно ја нема и Симона Грујовска. Поради повреда не беше во можноста да игра ниту пивотот Ивана Џатевска.

ВАРДАР – ПРИШТИНА 32:27 (21:11)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Един Куловиќ и Ведад Шкаљиќ од БиХ. Делегат: Радош Ракочевиќ од Црна Гора.

ВАРДАР: Илиќ (5 одб., 1 сед.), Ѓеорѓиевска (6 одб., 1 сед.), Ј. Попова 1, Н. Попова, Бор. Коцева 1, Тошевска, Трпевска 2, Костовиќ 3, Диневска 2, Миновска 7, Радевска 1, Галевска6, Стојановска, Васевска, Бој. Коцева 4, Дамјаноска 5

Седмерци: 5/7, Исклучувања: 8 мин.

ПРИШТИНА: Ука (1 одб., 1 сед.), Каба (8 одб.), Ајвази, Бојовиќ 1, Хисени, Ипчи 1, Бериша 2, Мехмети, Нивокази 3, Конѓели, Стагова 7, А. Красниќи, Ф. Красниќи, Прапаштица 5, Гнараба 8

Седмерци: 1/6, Исклучувања: 6 мин.