Валтер: Имаме добри шанси да одиграме израмнет натпревар против Нексе

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува вториот натпревар од регионалната СЕХА лига против составот на Нексе Нашице.

Стратегот Ларс Валтер вели дека нема многу бекови на располагање, но ќе се обидат да одиграат израмнет натпревар со хрватскиот вицепрвак.

„Нексе е одличен тим, но видовме дека ја направија истата грешка, како и ние против Војводина. Среде подготовки сме, оставивме неколку ракометари дома за да ги заштедиме, и затоа не изгледавме добро во Нови Сад. Но, сега имаме два дена за подготовка и ќе бидеме подобри. Проблем ни е што немаме многу ракометари тука во Нашице, дојдовме само со четири бека за да покријат 60 минути, што не е многу. Најголемиот проблем за поразот против Војводина беа техничките грешки кои ги направивме. Ги имавме дури 19, што не е нормално. Тоа ни се случи бидејќи сме во подготвителен период. Физичките тестови минатата недела беа добри, па сега работиме само на ракомет и треба да се подобриме. Имаме добри шанси да играме израмнет натпревар против Нексе и ќе бидеме подготвени за тој дуел“, вели Валтер.

Натпреварот меѓу Нексе Нашице и Еурофарм Пелистер се игра утре со почеток во 18:00 часот.