Бутел со херојски пресврт го реши Алкалоид за шампионски трофеј!

Кадетската екипа на Бутел го освои првото место на Ф4 турнирот од кадетската лига откако со пресврт во последните две минути славеше над Алкалоид со 22:20.

Во првото полувреме се водеше изедначена борба, која беше карактеризирана со цврста одбрана. До 25. минута се играше во егал, во кој и двете екипи се менуваа во водство. Алкалоид во последните пет минути од првиот дел успеа да направи поголема резултатска предност од еден гол и на полувреме замина со плус два гола разлика, 11:9.

Бутелци во второто полувреме со серија од три гола направија целосен пресврт и стигнаа до водство од 12:11. Алкалоид првиот гол во вториот дел го постигна дури во 38. минута за 12:12, а само неколку секунди подоцна, реализира контра за преземање на водството од 13:12.

Ракометарите на Дарко Јанев не се предаваа, го имаа Симјановски, кој не дозволуваше лесни погодоци во неговата мрежа. Бутел повторно го сврти резултатот во своја корист, искористи дел од грешките на Алкалоид и дојде до 14:13. Во следниот период следуваше пад во играта на Бутел. Составот на Алкалоид со три гола во низа дојде до резултатска позитива од 16:13.

На десет минути пред крајот Алкалоид влезе со највисоко водство од 18:14. Во последната минута од натпреварот, екипата на Бутел успеа да направи херојски камбек и од резултатска негатива од 20:17, дојде до водство од 21:20 преку Цветковски. Алкалоид не успеа да реализира во својот последен напад, додека Бутел погоди уште еднаш во последната секунда и се радуваше на големиот успех.