Бутел на маки: Охрид го бара Кристијан Грчевски за тренер

Откако сезонава не успеаја да стигнат до европските купови во екипата на Охрид сакаат брзо да се рехабилитираат и повторно да направат конкурентен тим со кој ќе бидат меѓу факторите во домашната Супер лига. Покрај тоа што преговараат со повеќе играчи, меѓу кои и неколкумина странци од клубот работат и на ангажирање на тренер. Прв пик на охриѓани е Кристијан Грчевски, актуелниот тренер на Бутел, тимот што сезонава заврши на третото место на табелата во Супер лигата.

Бутел го задржа тимот од сезонава, но сега треба да го реши и прашањето на тренер бидејќи на Грчевски му заврши договорот. Контактите меѓу Охрид и Грчевски се веќе направени, а управата на охридскиот тим упатила и конкретна и доста примамлива финансиска понуда до тренерот од Бутел.

Сакајќи да го придобијат да се пресели во Охрид, на Грчевски му се ветени добри услови за работа, но и квалитетни засилувања со кои ќе може да ја исполни зацртаната цел, пласман меѓу првите четири екипи на табелата.

Грчевски со Бутел направи одлична работа, и за трите сезони колку што седеше на клупата како прв тренер двапати играше на Ф4 во Купот, а сезонава се искачи на третото место на табелата што е најголем клупски успех. Заедно со Грчевски, тимот двапати играње и во европските купов. во 2019 беа елиминирани од украинско Запорожје, а следната 2020 од унгарски Ѓинѓуш.

Летово ќе има доста трансфери на тренери бидејќи во многу клубови се отворија слободни места, а се повеќе тимови вложуваат повеќе во спортот.