Бутел може да ги одмазди битолчани – против Алпла Хард за место во групите на Лига на Европа!

Денеска во седиштето на Европската ракометна федерација беа извлечени двојките за второто квалификациско коло од машката Лига на Европа, како и двојките за второто коло од машкиот Европски Куп.

Покрај Еурофарм Пелистер, кој има директно обезбедено место во групната фаза во Лига на Европа, во второто по ранг квалитетно европско натпреварување претставник на Македонија остана Бутел Скопје, откако вториот тим на Еурофарм Пелистер беше елиминиран во првото квалификациско коло од Алпла Хард.

Бутел Скопје во второто квалификациско коло за противник ја доби токму екипата на Алпла Хард. Избраниците на Кристијан Грчевски ќе треба да го дадат максимумот доколку сакаат да обезбедат влез во групната фаза во Лига на Европа, бидејќи австрискиот вицепрвак покажа дека поседува квалитети за високи дострели.

Натпреварите од втората фаза ќе се играат на 27 септември и на 4 октомври. Групната фаза, во која се наоѓа и Еурофарм Пелистер, ќе стартува на 25 октомври.