Будуќност немоќен во Унгарија, Есбјерг победнички во Ростов

На стартот од продолжението од Лигата на шампионите во женската конкуренција, се израдуваа екипите на ФТЦ Раил Карго и Есбјерг. Унгарките триумфираа против Будуќност со 26:22, додека Есбјерг славеше на гостувањето во Русија против Ростов Дон со 27:25.

Шампионот на Унгарија на домашен терен имаше лесна задача против поранешниот освојувач на Лигата на шампионите. Избраничките на Бојана Поповиќ беа рамноправни само во првите десет минути, а во останатиот дел, домашната екипа доминираше на дуелот. Домаќинките на полувреме имаа солидни седум гола позитива, 18:11.

Предноста од првиот дел на екипата на ФТЦ и овозможи мирна игра во вторите 30 минути. Ракометарките од Подгорица сериозно заостануваа во вториот дел и никако не можеа да ја намалат високата негатива, па мораа да се помират со пораз, кој на крајот и не беше толку висок, 22:26.

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката од редовите на победничкиот табор, Емили Белк со осум погодоци. Поранешната ракометарка на Вардар, Итана Грбиќ, двапати се запиша меѓу стрелците. Кај Будуќност листата на стрелци беше предводена од Нина Булатовиќ со шест гола.

Есбјерг во неизвесен натпревар прослави важна победа против Ростов Дон со два разлика, 27:25. Со освоената победа, тимот од Данска го задржува лидерското место во Групата А.

Иако, рускиот вицешампион имаше плус три на полувреме, 15:12, сепак, ракометарките на Јеспер Јенсен во последниот дел од натпреварот беа подобар противник и при нерешен резултат од 25:25, постигнаа два гола во низа преку Фрафјорд и Рејстад, со што си заминаа како победници од жешкиот терен од Ростов.

Победничката екипа беше предводена од Марит Малм Фрафјорд со шест погодоци. Во поразениот тим најефикасни беа Грас Заади со шест и Едуарда Аморим Талеска со пет гола.